Презентација на одобрени проекти од „О2 Предизвик“ во Технолошкиот Парк – Тетово
Во Среда, 23.01.2019 во Технолошкиот Парк SEEUTechPark, беа презентирани досегашните резултати од спроведувањето на проектите избрани во рамките на Јавниот повик за финансирање на проекти за намалување на загадувањето на воздухот - „О2 предизвик“.
Јавниот повик го спроведе Фондот за иновации и технолошки развој, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), О2 Коалиција, Град Скопје и Еко Свест, чија цел беше иницирање иновативни идеи и акции кои ќе поттикнат решавање на проблемот со загадувањето.
Како домаќин на настанот, „Бизнис енд иновејшн центар“ (БИЦ) го презентираше софтверското решение и бизнис-моделот за инвестиции за замена на стари грејни системи во домаќинствата со нови. Моделот треба да биде пилотиран во општина Тетово, а потоа да се применува и во други места. Целта е преку овој портал да се креираат индивидуални, енергетски и финансиски ефикасни решенија кои долгорочно ќе придонесат кон намалување на загадувањето.
На настанот се обратија Јован Деспотовски - директорот на Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР), Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање - Јани Макрадули и Градоначалникот на Општина Тетово - Теута Арифи.