SEEUTechPark им помогна на Eurovia и Kiimo за претстојната инвестициска кампања на Funderbeam
Kiimo станува првиот македонски стартап што ќе прибира инвестиции преку Funderbeam – водечки инвеститор е домашната компанија Eurovia.
Во Петокот, во просториите на Македонска берза АД Скопје, компанијата Eurovia и стартап компанијата Kiimo потпишаа договор за инвестирање со кој македонската компанија Eurovia се обврза да биде т.н. водечки инвеститор во Kiimo, со цел обезбедување на клучниот услов за отпочнување на кампања за прибирање дополнителни финансиски средства од страна на Kiimo преку глобалната иновативна crowdfunding платформа Funderbeam.
Водечкиот инвеститор за престојна кампања на Funderbeam е Eurovia. Елмедин Адеми, извршниот директор на Eurovia изјави: „Како компанија која сопствениот почеток го има засновано врз претприемништвото и иновативноста, препознавме силна бизнис можност во овој проект. Впрочем, семејните вредности кои ги вградивме уште на почетокот во градежништвото, денес прераснаа во широк спектар на индустрии кои ја сочинуваат нашата групација која силно расте во земјава, но и во регионот. Нашата стратешка цел е да бидеме вистинска инвестициска компанија, фокусирана на иновации, нови технологии и динамичен развој. Токму затоа Eurovia ќе го поддржи овој стартап, затоа што делиме слични визии за тоа како можеме да го менуваме светот на подобро.“
„Навистина ми е драго што домашна компанија го препозна потенцијалот на еден македонски стартап. Иако Kiimo веќе има подигнато инвестиции надвор од земјава, нашиот следен потфат е оперативното стартување да започне токму од Македонија и Хрватска, за што подготвуваме многу изненадувања. Практично, со оваа инвестиција и кампања, конечно ја ставаме во употреба технологијата која ја развивавме веќе подолго време, а со која целосно ќе го промениме начинот на достава на пратки во урбаните средини.“ изјави Давид Павловски, основач на компанијата Kiimo.
Kiimo апликацијата делува во сегментот на економија на споделување и го демократизира начинот на доставување преку вклучување на сите луѓе во процесот на достава.
Инвестицијата и отпочнувањето на кампањата се потпомогнати од SEEUTechPark и поддржани од ФИТР.